На заедничката прес-конференција со премиерот на Луксембург, Лук Фриден, генсекот на Алијансата рече дека фокусот е на средбата на претседателите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, со цел да започнат преговори, како и во договорот меѓу Европејците и САД за долгорочни безбедносни гаранции „што би ја спречило Русија повторно да ја нападне Украина“.
-Се работи многу за да се обезбеди Украина кога ќе влезе во овие билатерални или трилатерални разговори, тоа да го стори со непоколеблива поддршка, осигурувајќи дека Русија ќе го почитува секој договор што ќе се постигне и никогаш повеќе нема да ја загрозува украинската територија по договорот, рече Руте, пренесува Гардијан.
Зборувајќи за инцидентот со наводното руско блокирање на ГСП сигналот на авионот што ја превезуваше претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Бугарија, Руте рече дека НАТО го сфаќа ова многу сериозно.
-Не го сакам зборот хибридно, бидејќи звучи „слатко“, но хибридно е токму нарушувањето на комерцијалните авиони со потенцијално катастрофални последици. Ова не се слатки мали инциденти. Ова се огромни инциденти кои имаат огромно влијание, рече Руте.