Ryanair го укина Prime членството само по осум месеци: Што значи тоа за патниците?

Ryanair реши да ја укине својата Prime програма за лојалност само осум месеци по лансирањето, откако патниците во целост ги искористија понудените придобивки и ѝ предизвикаа на компанијата поголеми трошоци од очекуваното.

Програмата, претставена во март како опција за редовни патници што не сакаат да „го пробијат буџетот“, овозможуваше бесплатно резервирани седишта, патничко осигурување и пристап до 12 ексклузивни месечни попусти на седиштата. Иако беше ограничена на 250.000 корисници, ѝ се приклучија само 55.000 патници.

На 28 ноември авионската компанија соопшти дека веќе не прима нови членови, а постојните ќе можат да ги користат придобивките до истекот на нивната 12-месечна претплата. Последниот ден за купување членство беше 27 ноември, а продолжување нема да биде можено.

Премногу скапа програма

Членството чинеше 79 евра годишно. Во изминатите осум месеци Ryanair генерирал повеќе од 4,4 милиони евра од претплати, но истовремено обезбедил над 6 милиони евра попусти – што значи дека програмата била финансиски неодржлива.

Ова, како што истакна маркетинг директорот Дара Брејди, не го оправдува вложеното време и ресурси за месечните ексклузивни понуди за толку мал број корисници во споредба со вкупните 207 милиони патници годишно.

Еколошка перспектива

Иако ваквите програми можат да им заштедат пари на патниците, тие воедно поттикнуваат почесто летање – што е негативно за животната средина. Еколошките групи, како Stay Grounded, одамна предупредуваат дека програмите кои охрабруваат често летање придонесуваат за зголемени емисии, прекумерен туризам и климатски притисок. Европската агенција за животна средина дополнително укажува дека ваквите поттикнувачки модели се спротивни на целите за намалување на емисиите во транспортниот сектор до 2030 година.

Зачлени се на нашиот е-билтен