Кризата околу учеството на Израел на Евровизија се продлабочува и се претвора во најголемиот потрес во историјата на натпреварот. По вчерашната одлука на швајцарскиот победник од 2024 година, Немо, да го врати својот трофеј во знак на протест, уште еден поранешен евровизиски шампион му сврти грб на фестивалот: Ирецот Чарли Мекгетиган, кој со Пол Харингтон победи во 1994 година, најави дека ќе ја врати својата награда назад во Европската радиодифузна унија.
Мекгетиган објави видео на социјалните мрежи во кое вели дека одлуката ја донел инспириран од чекорот на Немо. Објасни дека внимателно ја следел неговата изјава и дека се согласува со оценката дека не може да се зборува за вредности како единство и инклузија, а истовремено да се игнорира фактот дека Израел е обвинет за сериозни злосторства во Газа. Ирскиот музичар откри дека дури морал да го побара трофејот што му бил доделен при победата, за да може да го спакува и испрати во седиштето на ЕБУ.
Мекгетиган веќе беше меѓу потписниците на отворено писмо до ЕБУ, во кое група поранешни евровизиски учесници бараа Израел да биде отстранет од натпреварот, предупредувајќи дека манифестацијата се злоупотребува за политички цели. Дополнителен притисок врз фестивалот создава и фактот што Ирска, Холандија, Словенија, Шпанија и Исланд веќе се повлекоа од Евровизија 2026 во Виена, револтирани од одлуката Израел да остане во конкуренција и од отсуството на гласање за неговото учество.
Дел од аналитичарите предупредуваат дека враќањето на трофеите и бојкотите би можеле трајно да ја нарушат довербата во Евровизија како настан кој со години се продава како фестивал на музиката, различноста и толеранцијата. Наместо сцена на заедништво, натпреварот сѐ повеќе личи на поле за судир на политички позиции, каде музичарите и победниците се претвораат во најгласни критичари на системот што досега ги славел.