Откако грузиската влада одлучи да ги прекине преговорите за членство во ЕУ, САД соопштија дека го прекинуваат стратешкото партнерство со Грузија.
Ова доаѓа по одлуката на проруската партија, Грузиски сон да ги прекине пристапните преговори, а портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер рече дека ваквиот потег е „предавство на грузискиот Устав“ во објава на платформата Х.
„Одлуката на партијата Грузиски сон да го прекине процесот на пристапување на Грузија во ЕУ е спротивна на ветувањето кон грузискиот народ содржано во грузискиот Устав дека ќе се залага за целосна интеграција во Европската унија и НАТО“, соопшти американскиот Стејт департмент.
„Грузискиот народ со големо мнозинство ја поддржува интеграцијата со Европа“, продолжи тој. „Со суспендирање на процесот на пристапување на Грузија во ЕУ, Грузиски сон ја отфрли можноста за поблиски врски со Европа и ја направи Грузија ранлива пред Кремљ.“
САД, исто така, ја критикуваа „прекумерната употреба на полициска сила против Грузијците кои сакаат да го искористат своето право на собирање и изразување, вклучително и слободата на мирни протести“.
САД ги опишаа акциите на Грузиски сон како „антидемократски“ и ја обвинија партијата за поткопување на основните вредности на демократијата, владеењето на правото и човековите права. Тензиите во Грузија се интензивираа во последните денови.
Проевропската претседателка Саломе Зурабишвили вчера во видео порака рече дека ќе ги предаде своите службени должности само кога ќе се формира легитимно избрана влада. Грузиската опозиција одби да ги признае резултатите од изборите на 26 октомври, на кои изборната комисија ја прогласи за победничка националистичката партија Грузиски сон.
На првата собраниска седница по изборите оваа недела, пратениците од опозицијата одбија да ги заземат своите места во парлементот. Од изборите, голем број демонстранти се собираат низ Грузија против одлуката на владата.