Американскиот претседател Доналд Трамп и јапонската премиерка Санае Такаичи потпишаа рамковен договор за обезбедување стабилно снабдување со ретки земни елементи, со цел намалување на зависноста од Кина, која контролира над 90% од глобалната преработка на овие минерали.
Потпишувањето на договорот се одржа во необарокниот дворец Акасака во Токио, а документот опфаќа заеднички иницијативи за критични минерали и зајакнување на безбедноста на синџирите на снабдување. Иако Кина не беше директно спомната, загриженоста околу нејзината контрола врз светскиот пазар беше очигледна, особено по последните ограничувања на извозот што ги воведе Пекинг.
САД и Јапонија најавија дека ќе користат координирани инвестиции и економски алатки за развој на диверзифицирани и фер пазари за критични минерали, како и финансиска поддршка за избрани проекти во следните шест месеци, соопшти Белата куќа.
Двете земји ќе разгледаат и комплементарен договор за складирање на минерали, а ќе соработуваат и со други меѓународни партнери за да ја зголемат безбедноста на синџирите на снабдување.
Во моментов, Кина е доминантна сила во овој сектор, но САД и Мјанмар контролираат 12% и 8% од глобалната екстракција, додека Малезија и Виетнам учествуваат со 4% и 1% во преработката.
Јапонија истовремено најави инвестиција од 550 милијарди долари во американската економија, дел од поширокиот билатерален трговски пакет кој вклучува енергетски проекти, електрична енергија и течен природен гас (LNG).
Пред патувањето на Трамп во Азија, САД ги повикаа сојузниците, вклучително и Јапонија, да го прекинат увозот на руска нафта, а воведоа и санкции против „Роснефт“ и „Лукоил“, со цел да го притиснат Кремљ да седне на преговарачка маса и да се стави крај на војната во Украина.
Во последните години, Јапонија ги зголеми купувањата на американски течен природен гас, настојувајќи да ја намали зависноста од Австралија и од рускиот проект Сахалин-2, чиј договор за снабдување наскоро истекува.
