– Американската влада денеска воведе санкции за радикалната израелска група Цав 9 поради таргетирање на залихите за помош испратени до палестинските цивили во Појасот Газа.
-Со месеци, поединци од Цав 9 постојано се обидуваа да ја спречат испораката на хуманитарна помош за Газа, вклучително и со блокирање патишта, понекогаш и насилно, по нивната рута од Јордан до Газа, вклучително и на Западниот Брег, се вели во соопштението на Стејт департментот, јави ДПА.
Тие, се додава, „исто така, оштетија камиони со хуманитарна помош и фрлија хуманитарна помош која спасува животи на патот“.
Портпаролот на Одделот, Метју Милер го наведе инцидентот на 13 мај, кога членовите на Цав 9 ограбија и запалија два камиони во близина на Хеброн на Западниот Брег, кои носеа спасувачка помош во Газа.
Обезбедувањето хуманитарна помош е од клучно значење за да се намали ризикот од глад во Појасот Газа, нагласи Милер.
-Владата на Израел има одговорност да ја обезбеди безбедноста на хуманитарните конвои кои транзитираат од Израел и на Западниот Брег кон Газа. Нема да толерираме акти на саботажа и насилство насочени кон оваа суштинска хуманитарна помош, рече тој.
На граѓаните на САД или на луѓето кои се во Соединетите Држави им е забрането да прават бизнис со санкционираните компании и поединци. Санкциите, исто така, го отежнуваат меѓународниот бизнис за оние што се подложени на нив.