САД на чекор до напад врз Иран, тврди „Блумберг“

ВАШИНГТОН / ЖЕНЕВА – Американската администрација активно се подготвува за можен воен удар против Иран во наредните денови, објави агенцијата „Блумберг“ повикувајќи се на извори запознаени со процесот.

Според истите извори, интензивни дипломатски контакти се веќе во тек. Утре во Женева треба да се одржи состанок на министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција и Германија со нивните ирански колеги, во обид да се намалат тензиите.

Неколку официјални лица предупредиле дека евентуалниот напад би можел да се случи веќе претстојниот викенд. Високи претставници од повеќе федерални агенции во Вашингтон — вклучително и Пентагон — започнале технички и логистички подготовки за можна операција, соопшти еден од изворите.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера јавно ја остави отворена опцијата за удар: „Имам идеи што да правам“, изјави тој, додавајќи дека „можеби ќе го сториме, можеби и не“, кога беше запрашан дали нападот е неизбежен.

Засега нема официјална потврда ниту демант од Белата куќа или од иранските власти, но набљудувачите предупредуваат дека секоја воена акција носи ризик од натамошна ескалација на Блискиот Исток.

Зачлени се на нашиот е-билтен