САД нападнаа уште еден брод во Пацификот, загинаа три лица

Ормутскиот
Британската морнарица. Фотографија од архивата на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.

Три лица загинаа во нов американски воен напад врз брод во источниот дел на Тихиот Океан, за кој американската Јужна команда тврди дека бил поврзан со шверц на дрога. Нападот бил изведен во неделата, а воената команда објави снимка на која се гледа брод што се движи со голема брзина пред да биде погоден и да се запали.

Американската војска соопшти дека цел биле лица кои, според неа, се движеле по познати рути за шверц на наркотици. Во операцијата не биле повредени американски војници, а деталите за идентитетот на загинатите, видот на товарот и точната локација не беа објавени.

Ова е најнов напад во пошироката кампања што администрацијата на Доналд Трамп ја води од септември минатата година против бродови за кои тврди дека се користат за шверц на дрога во водите на Латинска Америка, Карибите и источниот Пацифик. Според последните податоци, во овие операции досега загинале најмалку 186 лица.

Кампањата се води под образложение дека САД се во „вооружен конфликт“ со нарко-картелите и дека нападите се потребни за да се запре протокот на дрога кон американската територија. Вашингтон ги претставува операциите како дел од поширока борба против „нарко-тероризмот“, но досега објавените информации остануваат ограничени.

Клучниот спор е во тоа што американската војска не презентирала јавни докази дека погодените бродови навистина превезувале дрога. По повеќето напади се објавуваат кратки видеа и соопштенија, но без податоци за количината на наркотици, типот на товарот, доказите од разузнавањето или идентитетот на загинатите.

Поради тоа, дел од правните експерти, организации за човекови права и критичари во САД ја доведуваат во прашање законитоста на нападите. Тие предупредуваат дека ако лицата на бродовите не претставувале непосредна закана, а операциите се изведуваат во меѓународни води, таквите удари може да се третираат како вонсудски убиства.

Американската страна, пак, тврди дека нападите имаат ефект врз намалување на движењето на бродови што се користат за шверц. Во март, висок претставник на Пентагон пред законодавците наведе дека дотогаш биле уништени 47 бродови и дека имало намалување на движењето на такви пловила во Карибите и источниот Пацифик.

Зачлени се на нашиот е-билтен