САД соопштија дека ги „отфрлаат“ коментарите на израелските министри кои се залагаат за враќање на еврејските доселеници во Газа, по актуелната војна, како и за „охрабрување“ на палестинското население да емигрира.
– САД ги отфрлаат неодамнешните изјави на израелските министри Безалел Смотрич и Итамар Бен Гвир кои се залагаат за преселување на Палестинците надвор од Газа, рече портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, нарекувајќи ги изјавите „неодговорни“.
Израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен Гвир во понеделникот повика на враќање на еврејските доселеници во Газа и за „поттикнување“ на палестинското население да се исели, еден ден по сличниот повик на министерот за финансии Безалел Смотрич.
– Неопходно е да се промовира решение што ќе го поттикне иселувањето на жителите на Газа Тоа е правилно, праведно, морално и хумано решение“, рече Бен Гвир за време на состанокот на неговата партија, според објавата што ја сподели на социјалните мрежи.
– Овие коментари се запаливи и неодговорни, рече портпаролот на Стејт департментот, истакнувајќи дека „израелската влада, вклучително и премиерот Бенјамин Нетанјаху, повеќе пати кажа дека овие изјави не ги одразуваат ставовите на израелската влада“.
САД веруваат „дека Газа е палестинска земја и ќе остане палестинска земја“, додаде тој.