САД денеска на 180 дена ја суспендираа примената на санкциите според „Законот Цезар“ против Сирија, соопшти американското Министерство за финансии, по состанокот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и сирискиот лидер Ахмед ал-Шара во Белата куќа.
Британските медиуми пренесуваат дека Министерството за финансии истовремено наведе дека санкциите се суспендирани, освен за одредени елементи, вклучувајќи ги трансакциите со Русија и Иран.
Оваа одлука ја заменува претходната привремена суспензија на санкциите што беше воведена на 23 мај.
„Законот Цезар“, именуван според сириски воен дезертер кој, според САД, шверцувал фотографии од жртви на тортура под режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, стапи на сила во јуни 2020 година.
Овие санкции беа насочени против режимот на Ал Асад и сите оние кои соработуваат со него, особено во секторите енергетика, градежната индустрија и финансиите.
Претходно денеска американскиот претседател Доналд Трамп и сирискиот лидер Ахмед ал-Шара се сретнаа во Вашингтон, а ал-Шара пред средбата во Белата куќа имаше состанок и со шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева.
Како што претходно објавија телевизиите Ал Џезира и Ен-Би-Си, повикувајќи се на добро информирани извори, разговорите биле фокусирани на безбедносни прашања и можноста Сирија да се приклучи на меѓународната коалиција предводена од САД во борбата против екстремистичката организација Исламска држава, која во 2014 година зазеде големи делови од Сирија и соседен Ирак.

