Откако администрацијата на Доналд Трамп го стопира производството на монетата од еден цент, американските продавници се принудени да бараат креативни решенија за кусурот.
Американските бизниси се соочуваат со необичен проблем – во земјата владее недостиг на пени, монетата од еден цент. Откако администрацијата на Доналд Трамп ја запре нивната изработка претходно оваа година, паричките во оптек стануваат сè поретки, а многу продавници се принудени да ги заокружуваат сметките за готовински плаќања на најблиските пет центи, пренесува Би-Би-Си.
Во февруари, Трамп го нарече производството на пени „расипничко и премногу скапо“, повикувајќи да се „исфрли отпадот од буџетот на нашата голема нација, дури и ако е пени по пени“.
Американската ковачница официјално престана со нивното производство во мај. Иако Министерството за финансии очекуваше недостигот да се почувствува дури во 2026 година, проблемот се појави многу порано. Банките веќе не можат да добијат пени од федералните резерви, што автоматски ги остава и бизнисите без нив.
Така, многу продавачи не знаат како да постапат кога на касите ќе им снема парички, а на купувачот му следува кусур во пени. Привремено решение, вели Дилан Џон од Националната федерација на малопродажба, е заокружување на цената нагоре или надолу на најблиските пет центи, за да може кусурот да се врати во монета од пет центи – т.н. никел.
Но, тоа не е толку едноставно. Некои градови, како Њујорк, законски бараат враќање на точниот износ, а други не дозволуваат различни цени за готовински и картични плаќања. За да избегнат правни проблеми, голем дел од трговците избираат да ги заокружуваат цените надолу, губејќи по неколку центи по трансакција.
„Зборуваме за губење до четири центи за секоја готовинска трансакција низ повеќе продавници во земјата“, вели Џон. „Тоа е неодржливо.“
Како одговор, многу продавници ги охрабруваат купувачите да плаќаат со точниот износ или со картичка, а некои дури организираат промоции што ги наградуваат клиентите кои ќе донесат дополнителни пени од дома.

