Американскиот државен секретар Марко Рубио во вторник издаде ослободување за итна хуманитарна помош за време на 90-дневната суспензија на странската помош, додека Вашингтон спроведува ревизија, се наведува во меморандумот на Стејт департментот до кој дојде Ројтерс.
Само неколку часа по преземањето на функцијата пред една недела, американскиот претседател Доналд Трамп ја најави суспензијата за да се преиспита дали странската помош е во согласност со неговата политика „Америка на прво место“.
Новото ослободување за спасувачката помош уследи откако Рубио во петок веќе даде исклучок за итна прехранбена помош.
Според него, хуманитарната помош вклучува основни лекови, медицински услуги, храна, засолништа, средства за егзистенција и разумни административни трошоци за нивна достава.
“Ова ослободување не се однесува на активности поврзани со абортуси, конференции за семејно планирање, административни трошоци… програми за родова еднаквост или ДЕИ (разновидност, еднаквост и инклузија), трансродови операции или друга помош што не е хуманитарна,” се вели во меморандумот на Рубио.
Замрзнувањето на странската помош од страна на САД го загрозува финансирањето на милијарди долари хуманитарна помош. САД се најголемиот единечен донатор на меѓународна помош – во фискалната 2023 година исплатија 72 милијарди долари за различни програми.
Најавената суспензија првично предизвика конфузија меѓу американските законодавци, хуманитарните организации и Обединетите нации. Дел од нејаснотиите беа расчистени во петокот, кога Стејт департментот издаде наредба за стопирање на сите постојни програми за странска помош и суспензија на новите грантови, според документ до кој дојде Ројтерс.