Украинските и американските преговарачи заеднички ја повикаа Русија да покаже „сериозна посветеност на долгорочен мир“ откако разговорите во Москва претходно оваа недела не донесоа напредок, објави Би-Би-Си.
Специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и секретарот на Советот за национална безбедност на Украина, Рустем Умеров, го упатија повикот по дводневните „конструктивни разговори“ во Флорида.
Во соопштението , тие наведоа дека изгледите за завршување на војната во Украина зависат од „подготвеноста“ на Русија да преземе „чекори кон деескалација и прекин на убивањето“.
„Крај на војната и веродостојни чекори кон прекин на огнот и деескалација се неопходни за да се спречи обновување на агресијата“, се вели во соопштението за шестата рунда разговори во последните две недели.
За време на преговорите во Флорида, украинскиот тим беше информиран и за разговорите меѓу претставникот на Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, одржани на почетокот на оваа недела.

