САД денеска воведоа санкции за група од 50 лица, компании и бродови од Обединети Арапски Емирати, Хонг Конг и Кина поради олеснување на испорака на иранска нафта и продажба на течен нафтен гас.

Со санкциите опфатени се околу 20 бродови што пловат под знамињата на неколку земји, прикривајќи го потеклото на иранската нафта и заобиколувајќи ги претходните санкции. Санкционирани се и терминал за сурова нафта во Кина и рафинерија во приватна сопственост на Кина.
Министерството за финансии на САД соопшти дека тие се клучни за можноста на Иран да извезува нафта и нафтени производи. Санкционираните субјекти и поединци го олесниле извозот на ирански нафтени и гасни производи во вредност од милијарди долари.
Вкупно два кинески нафтени терминала и четири приватни рафинерии во Кина се под санкции на САД. Од јануари, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп воведе санкции за вкупно 166 бродови поврзани со трговијата со нафта на Иран.