Директорот на Музејот на Холокаустот, Горан Садикарио, во вчерашното гостување на Сител телевизија по повод 80 години од Холокаустот над македонските Евреи, зборуваше за Евреите и еврејското прашање. Садикарио укажа на тоа дека Македонија и Европа како целина не се имуни на девијантни појави.
Според него, во Македонија има појава на глорификација на одредени личности кои се негативни во историјата.
Го имаме „Цар Борис III“ како клуб кој беше отворен во Охрид, „Ванчо Михајлов“ во Битола, на струмичкиот карневал имаше маска со ликот на Хитлер, на ѕидот на оградата на Еврејската заедница беше исцртана свастиката, кукасти крст, Лев Тахор, изјавите на луѓето. Ксенофобијата постои во ова општество, треба малку да се распали, распламти- изјави Садикарио.
Тој потенцираше дека превенцијата и едукацијата е главниот двигател кој што ова општество треба да ги има за да ги искорениме сите девијантни појави. Според него, ние како општество ништо не правиме да ја искорениме омразата.
Во врска со политичкиот контекст како настанал прогонот на холокаустот, Садикарио изјави дека холокаустот не започнал со убивањето, започнал со стигматизација, со законите.
Директорот на Музејот на Холокаустот објаснува дека еврејското прашање не може да се одвои од целокупната политика помеѓу Северна Македонија и Бугарија. Според него, не може две држави да разговараат за еврејското прашање без Евреи.
Денешниот наратив на бугарската политика е сосема поинаков од пред 5 години. Денеска нивниот наратив е дека и царот и владата биле спасители на Евреите. Фактот е точен. Дека 48 000 Евреи од Бугарија не се депортирани во Центарот за убивање. И интелектуалците пишуваат писма и се залгаат да се стопира депортацијата на Евреите од Бугарија. За разлика од тоа, 11 343 Евреи од окупираните територии од Македонија, Пирот и Грција се депортирани во март 1943 година – објасни Садикарио.
Вметнувањето на Евреите во Уставот, според Садикарио би било само една потврда дека Евреите се дел од ова општество.
Ние сме веќе дел од Уставот. Што би добиле ние? Дали некој ќе го минимизира фактот дека Евреите се државотворен народ во оваа држава? Учествувале во Народно ослободителната војна, биле учесници на АСНОМ, граделе и придонесувале за развој и развиток на оваа држава – заклучи директорот на Музејот на холокаустот. (СМК)