SafeJournalists: Институциите итно да реагираат на бранoт закани кон новинарите во Србија

Мрежата SafeJournalists остро го осудува низата закани упатени кон новинари и новинарки во Србија во изминатите неколку дена, како и очигледно организираната кампања за бламење на социјалната мрежа X против новинарката на телевизијата Н1, Ана Новаковиќ, се наведува во соопштението.

„Откако претседателот на Србија, Александар Вучиќ, пред три дена на прес-конференција го навреди новинарот на телевизијата Н1, Младен Саватовиќ, следеше бран закани насочени кон него преку социјалните мрежи и коментари на порталите. Најпрво, едно лице му се закани дека ќе го чека пред редакцијата, а веќе следниот ден уследија и нови закани на социјалните мрежи“, се наведува во соопштението на SafeJournalists.

Новинарот во изминатите три дена добил пораки со тешки навреди и директни закани, меѓу кои и:
„Нема да те спаси ни тоа што имаш камера, усташ еден…“,
„Ќе останеш без уши, издајнички смрдливко“,
„Навистина треба да те научат памет“.

Според SafeJournalists, закани биле упатени и кон самата редакција на телевизијата Н1. Корисник на социјалната мрежа X под псевдонимот „Patak“ споделил снимка од упад на руската полиција во редакцијата на порталот „Ura.ru“ во Екатеринбург, со пораката: „Вака сакам да упаднам во Н1“.

Во следните објави, со нови илустрации, било напишано и: „Сè треба да се запали. Прво РТС…“, по што друг профил додал: „Немој сам, има нас што со задоволство би ти правеле друштво“, се наведува во соопштението.

Закани и кон Видојковиќ и Кулачин

Авторите на емисијата „Добар, лош, зао“, Марко Видојковиќ и Ненад Кулачин, исто така, во изминатите денови добиле низа закани. Последната закана се појавила во коментар на Инстаграм-профилот на Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ), како реакција на нивното претходно соопштение. Во коментарот било напишано: „Доста со закани, да преминеме на дела“, како и „Ајде, тргајте ги. Провокатори, здодевни“.

Повторно на удар Бранкица Станковиќ

На удар на навивачки групи повторно се нашла и новинарката на телевизијата Инсајдер, Бранкица Станковиќ, наведува SafeJournalists. Имено, во средата, на натпреварот Партизан – Виртус во рамките на Евролигата, повторно се слушнале заканувачки скандирања упатени кон новинарката.

SafeJournalists потсетува дека Министерството за внатрешни работи на Србија претходно ѝ доделило 24-часовно обезбедување врз основа на безбедносни процени, кое таа го имала со години, поради серијалот „(Не)моќта на државата“ посветен на хулиганските групи. Во последно време, заканувачките скандирања против Станковиќ на натпреварите на Партизан стануваат сè почести.

Организирана кампања против Ана Новаковиќ

Покрај директните закани, мрежата SafeJournalists особено укажува на организирана кампања за бламење на социјалната мрежа X, насочена против новинарката на Н1, Ана Новаковиќ. По нејзиното известување за постапката што Обвинителството за организиран криминал ја покрена против министерот за култура Никола Селаковиќ, следел голем број навредливи, сексистички и мизогини коментари.

„Ова јасно укажува на координирано таргетирање на новинарката поради нејзината професионална работа“, се наведува во соопштението.

Апел за итна реакција

Членките на мрежата SafeJournalists изразуваат сериозна загриженост поради ситуацијата во Србија, која, како што велат, во последните денови дополнително ескалира.

„Атмосферата на нетрпеливост, навреди и закани кон независните новинари дополнително се поттикнува од однесувањето на високите државни функционери кон медиумските работници. Со тоа се испраќа опасна порака и се создава амбиент во кој насилството се нормализира“, се истакнува во соопштението.

SafeJournalists ги повикува надлежните институции итно да реагираат, да ги идентификуваат и процесуираат одговорните и јасно да покажат дека активно работат на заштита на безбедноста на новинарите и новинарките во Србија.

Истовремено, мрежата бара од јавните функционери и носителите на јавни функции да престанат со таргетирање, навредување и поттикнување кампањи против новинарите и новинарките и своите должности да ги извршуваат одговорно, во согласност со законите на Србија, без злоупотреба на функциите за пресметка со медиумите кои известуваат во јавен интерес.

SafeJournalists додава дека за овие случувања ќе ги информира и релевантните национални и меѓународни институции и организации.

Зачлени се на нашиот е-билтен