Сакате да споделувате линкови? Facebook тестира претплата од 14,99 долари месечно

Компанијата Meta започна тестирање на нова опција на Facebook која може значително да влијае на начинот на кој корисниците ја споделуваат содржината.

Во рамките на ограничен експеримент, одредени корисници и страници се соочуваат со ограничување на бројот на линкови кои можат да ги објават без плаќање.

Според достапните информации, корисниците кои немаат претплата на сервисот „Meta Verified“ можат бесплатно да објават најмногу два екстерни линка месечно. За објавување на поголем број линкови, потребна е месечна претплата од 14,99 долари.

Ограничувањето се однесува исклучиво на линкови кои водат кон екстерни сајтови, додека споделувањето содржина внатре во Meta екосистемот, како Instagram или WhatsApp, сè уште не е обухваќано со оваа мерка.

Од Meta наведуваат дека станува збор за тест, а не за трајна промена, со цел да се испита дали корисниците гледаат објавувањето на поголем број линкови како додадена вредност во рамките на платената претплата. Компанијата засега не прецизираше дали и кога оваа практика би можела да се прошири на сите корисници.

Претплатата Meta Verified веќе вклучува ознака за верификација, дополнителна корисничка поддршка и наводно поголема видливост на профилот, а Meta во последно време сè повеќе експериментира со модели на наплата за дополнителни функции на своите платформи.

За сега, тестот се спроведува на ограничен број сметки и не е достапен глобално.

Зачлени се на нашиот е-билтен