Во Белфаст денес почнува министерскиот состанок во рамки на Берлинскиот процес, со кој домаќински претседава Велика Британија. Средбата во замокот Хилсборо е насочена кон справување со криминалот поврзан со миграциите, регионалната безбедност и европската интеграција на Западен Балкан.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ќе најави финансиски пакет кој вклучува 4 милиони фунти за отпорност кон руски дестабилизациски закани и кибер-одбрана, како и 10 милиони фунти за борба против шверцот на мигранти на балканската рута.
На настанот учествуваат партнери од Албанија, Србија, Северна Македонија и БиХ, како и сојузници од Франција, Германија и Италија. Состанокот е дел од британското претседавање со Берлинскиот процес во 2025 година.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествува на состанокот на шефовите на дипломатија, каде темите ќе опфатат европска безбедност, помирување, регионална и европска интеграција и управување со нелегалната миграција во контекст на проширувањето на ЕУ. На маргините се планирани и повеќе билатерални средби.
Во британското образложение се нагласува дека Западен Балкан е клучна транзитна рута и дека засилената меѓународна координација треба да ги прекине синџирите на профит на организираниот криминал, паралелно со градење отпорност кон надворешни влијанија што поттикнуваат етнички тензии.