Пишува: Амб. ЛАРИСА ДИР
Вонредна и Ополномоштена Амбасадорка на Украина во Република Северна Македонија
Во 2008 година, во Букурешт, шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО, дискутирајќи го прашањето за проширување на НАТО и понатамошно зајакнување на способноста за спротивставување на заканите од 21-от век, ги поздравија аспирациите на Украина за членство во НАТО.
Лидерите на Алијансата ја потврдија својата подготвеност да ги остават вратите на НАТО отворени за која било европска демократија која има желба и способност да ги преземе одговорностите и обврските на полноправна земја-членка, како што е наведено во член 10 од Вашингтонскиот договор.
Украина не само што се придржува до принципите на Вашингтонскиот договор, туку Украина исто така ја брани својата слобода и право на постоење, како и наследството на европските народи. Украина го брани својот територијален интегритет и суверенитет, веќе 383 дена пружајќи ѝ отпор на воената агресија на рф, која го зазеде местото на постојана членка на Советот за безбедност на ОН, заобиколувајќи ги процедурите регулирани со Повелбата на ОН. Како што е познато, рф го наметна своето членство во Советот за безбедност на ОН со еднострана одлука.
Исти такви злосторнички дејствија се едностраните одлуки – обиди на Руската Федерација за анексија на Автономната Република Крим и градот Севастопол, Донецката, Запорижската, Луганската и Херсонската област во Украина, како резултат на закана со сила или употреба на сила, како и понатамошна воена контрола и привремена окупација на овие територии.
Дали РФ ги споделува принципите и целите на ОН? – Не!
Заземајќи место во ОН, рф досега не ја спроведе резолуцијата на Генералното собрание на ОН од 02.03.2022 година „Агресија против Украина“, која содржи повик до рф да престане со вооружената агресија против Украина, да ги деокупира сите украински територии, веднаш, целосно и безусловно да ги повлече сите нејзини вооружени сили од територијата на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
Наредбата на Меѓународниот суд на правдата на ОН од 16.03.2022 година, која ја обврза рф веднаш да ги повлече своите трупи од територијата на Украина и да ги прекине воените дејствија, рф сè уште не ја исполнила.
Украина не еднаш ги повика земјите-членки на ОН да ја обноват примената на Повелбата на ОН во врска со легитимноста на присуството на рф во ОН, да ја лишат рф од нејзиниот статус на постојана членка на Советот за безбедност на ОН и да ја исклучат од ОН во целост.
РФ продолжува да убива Украинци, да краде украински деца, насилно да ги носи во рф, да ги превоспитува, да уништува станбени згради и објекти од критичната инфраструктура на Украина. Продолжува рускиот ракетен терор.
Дали Украина во такви сурови услови на руска воена агресија очекува стратешки безбедносни гаранции од Самитот на НАТО во Вилнус? – Да!
Во јули 2023 година во Вилнус ќе се одржи Самитот на НАТО, на кој е поканет да учествува и Претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
На 30 септември 2022 година, Претседателот на Украина објави за потпишувањето на барањето за забрзан пристап на Украина во НАТО.
Украина и порано јасно ги соопштуваше своите намери да стане дел од Алијансата, вклучително и со утврдување на својот европски и евроатлантски курс во Уставот на Украина.
Фундаменталните национални интереси на Украина се, покрај државниот суверенитет и територијалниот интегритет, интеграцијата на Украина во европскиот политички, економски, безбедносен и правен простор, стекнување членство во Европската Унија и Организацијата на Северноатлантскиот договор.
Од 2009 година, Украина спроведува Годишни национални програми под покровителство на Комисијата Украина-НАТО, кои во својата суштина се Акционен план за членство во НАТО.
Во моментов, Украина не само што ги реформира своите Вооружени Сили и преминува на стандардите на НАТО, украинските војници се херојски воини кои на бојното поле демонстрираат интероперабилност со силите на Алијансата. Покрај тоа, за време на агресијата од големи размери на рф, Украина го задржува својот институционален капацитет и продолжува да ги спроведува задолжителните реформи.
На Украина сега ѝ се потребни како средства за воздушна и ракетна одбрана, оружје со долг дострел и артилерија со долг дострел, така и безбедносни гаранции, како за држава чии граѓани секој ден ја запираат руската воена машина по цена на својот живот.
За Украина и за заедничката европска безбедност, на претстојниот Самит на Алијансата треба да се разгледаат механизмите кои би обезбедиле членство на Украина во НАТО. Исто така, за Украина од витално значење е започнување година на процесот на преговори за членство на Украина во ЕУ во 2023 година.