Самостојна изложба „Вечно женско“ на Татјана Миљовска во „Јадро“

Во КСП Центар „Јадро“ вечер (вторник, 21 ноември) во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба „Вечно женско“ на Татјана Миљовска.

Изложбата става акцент на патријархалната култура и религија како причини кои ја потиснуваат женската енергија, којашто пак е опишана како незаменлива во реализирањето на полнотата на чувството и креативната емоција.

Во делата вечното женско се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција.

Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година.

Татјана Миљовска е родена на 3 ноември 1966 година во Битола. Во 1992 година дипломирала, а во 2011 година магистрирала со темата „Возвишена убавина“ на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство.

Нејзини поистакнати самостојни изложби се: „Кула на Мостот“ во Национална галерија „Даут – пашин амам“, Скопје (1996 г.); „Внатрешно Сонце“, Музеј на современа уметност, Скопје, (2003) ; „Езеро Мое“ во Магаза, Битола; „Сарај“ – Ресен и „Куќата на Робевци“ – Охрид, (2009); „Возвишена Убавина“, Музеј на Град Скопје, (2011) “ и „Духовното во апстрактното сликарство“, изложба и промоција на нејзината книга во Галеријата Метаноја, Скопје (2023).

Треба да знаете
Moже да ве интересира