Сандали што газат непријатели: 3.300 години стара порака од Тутанкамон

Еден пар кожни сандали направени околу 1330 година п.н.е., поврзани со Тутанкамон, денес се читаат како политички плакат во минијатура: на влошките се прикажани врзани заробеници и симболот „Девет лакови“ – традиционален знак за непријателите на Египет – поставени така што владетелот буквално „ги гази“ со секој чекор. Предметот е изложен во Египетскиот музеј, со објаснување дека композицијата треба да ја материјализира доминацијата на монархот над „надворешниот свет“.

Овие сандали се дел од богатството пронајдено во гробницата на Тутанкамон во Долината на кралевите, откриена во 1922 година од Хауард Картер. Археолошките записи и подоцнежните научни прегледи покажуваат дека меѓу предметите имало голема колекција обувки – сандали и чевли од различни материјали и намена – дел за секојдневие, дел за церемонија, дел за „вечниот“ протокол на задгробниот свет.

Интересот не е само во симболиката, туку и во тоа како египетската власт ја внесувала идеологијата во предмети што изгледаат банално. „Газењето“ на непријателот не е случаен мотив: се појавува на тронови, подножја, релјефи и други дворски артефакти, а тука е сведено на нешто што се носи на нога. На овој начин, моќта не се „објавува“ само во говор и војна, туку и во дизајн — преку секојдневна употреба што ја претвора пропагандата во рутина.

Деталите од гробницата отвораат и прашања што музеите не можат секогаш да ги затворат со една етикета: кога мумјата била откриена, Тутанкамон бил пронајден со златни сандали и златни „покривки“ за прстите на нозете, но не е јасно дали ваквите модели ги носел во животот или биле изработени специјално за погребниот ритуал.

Современите истражувања за неговата обувка, вклучително и анализи презентирани во академска средина во Американскиот универзитет во Каиро, укажуваат дека „wow-факторот“ е во мајсторството и материјалите: злато, растителни влакна, брезова кора, коска, па дури и можни стаклени инкрустации – комбинации што покажуваат дека старите Египќани свесно правеле разлика меѓу практична и статусна обувка, исто како денес.

Поширокиот контекст го потврдуваат и музејските паралели: Метрополитен музејот на уметност во опис на свои златни сандали од XVIII династија бележи дека слични златни модели биле најдени и на мумјата на Тутанкамон – што ја става неговата „обувка за вечност“ во поширока традиција на погребен луксуз и симболична моќ.

Зачлени се на нашиот е-билтен