Санду: Би гласала за обединување со Романија ако има референдум

Претседателката на Молдавија, Маја Санду, изјави дека би гласала „за“ обединување со Романија доколку во земјата се одржи референдум за тоа прашање, оценувајќи дека во актуелната геополитичка клима малите држави сѐ потешко ја штитат демократијата и суверенитетот под притисок од Русија. Изјавата ја даде во интервју за британскиот подкаст The Rest is Politics, емитувано во неделата, а пренесена од Reuters на 12 јануари 2026 година.

Санду истовремено призна дека нејзиниот став не е доминантен меѓу граѓаните. Иако околу 1,5 милиони Молдавци имаат и романско државјанство, анкетите покажуваат дека приближно една третина ја поддржуваат идејата за реунификација со Букурешт. Затоа, таа посочи дека интеграцијата во Европската Унија е „пореалистична цел“, при што нејзината администрација ја поставува 2030 година како хоризонт за членство, но со сериозни реформи и отпор од проруски политички актери.

Молдавија, држава со околу 2,4 милиони жители, се наоѓа меѓу Романија и Украина и со години е поле на геополитичко натегање меѓу прозападните и проруски сили. Земјата била дел од Романија во меѓувоениот период, потоа анектирана од Советскиот Сојуз за време на Втората светска војна и стана независна во 1991 година, по распадот на СССР.

Зачлени се на нашиот е-билтен