„Сапорт Кочани“: Над 4,5 милиони денари уплати a 368 парчиња компресивна облека испорачани, поддршка и за клиниката во Скопје

Заклучно со денес (19 август), на наменската сметка на Граѓанската иницијатива „Сапорт Кочани“ се слеани вкупно 4.594.345 денари. Од иницијативата информираат дека од оваа сума реализирани се 3.758.805 денари (во кои се пресметани и банкарските провизии од 18.277 денари), а на располагање остануваат 835.540 денари. „Сапорт Кочани“ е формирана веднаш по трагичниот настан од 16 март 2025 година и, како што велат, продолжува да работи транспарентно, координирано и во интерес на сите засегнати лица и нивните семејства.

Клучен сегмент на помошта е набавката на специјализирана компресивна облека, неопходна во долготрајниот третман и рехабилитација на лица со изгореници. Првата пратка – 149 парчиња – е во вредност од 923.458 денари; втората – 43 парчиња – 283.802 денари; третата – 176 парчиња – 2.193.047 денари. Вкупно 368 парчиња се веќе испорачани и предадени на Општата болница во Кочани за употреба од преживеаните.

Покрај тоа, дел од средствата се насочени кон Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија – Скопје и кон лицата кои сè уште се хоспитализирани таму. Досега се донирани 100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT (вкупно 267.000 денари), 4 пакувања протеини и 4 пакувања аминокиселини (19.120 денари), како и сет креми за подобрување на еластичноста на кожата (53.428 денари). Материјалите се наменети за третман на рани, регенерација на кожата и забрзување на рехабилитацијата.

Од „Сапорт Кочани“ нагласуваат дека сите донации се резултат на поддршка од хумани граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората. „Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост. Благодарни сме на секој поединец и секоја компанија што веруваа во иницијативата и помогнаа од срце. Нашата работа не застанува – ќе бидеме тука за засегнатите лица и нивните семејства сè додека постои потреба,“ порачуваат волонтерите.

Граѓаните можат да помогнат со посета на нивната страна https://supportkocani.com/

Зачлени се на нашиот е-билтен