Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сарачини: Ако индициите за дестабилизација на земјата се толку сериозни, зошто премиерот отиде на одмор?

Во гостување на „Вести плус“ на Канал 5 телевизија, Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА се осврна на изјавите на премиерот Мицкоски во врска со наводните закани за дестабилизација на земјата.

„Овие изјави на премиерот, неколку пати ги повтори, дека ДУИ планира да ја дестабилизира земјата, се навистина загрижувачки. Но, доколку е навистина така, што прават институциите во врска со тоа?… Од кабинетот на претседателката, нели, лиферуваа соопштение дека нема намера да го свика Советот за безбедност, опозицијата пак обвини дека Советот за безбедност воопшто не е формиран. Што прават институциите за да одговорат сериозно на овие закани, доколку тие закани навистина постојат?… Доколку е состојбата толку сериозна, што бара премиерот да оди на одмор?“, праша Сарачини.

Според Сарачини, сето ова изгледа повеќе како политичка реторика за дефокусирање на јавноста од главните приоритети кои си ги постави Владата.

„Трите приоритети на Владата беа евроинтеграции, борба против корупција и економија… Не гледаме многу работи околу овие три најважни теми, коишто мислам дека им се одлично погодени, на новата власт. Но, не гледаме активност околу ова, гледаме активност и медиумска бука околу меѓуетничките односи“, истакна Сарачини.

Тој смета дека радикалната и запалива реторика, која беше забележлива во медиумите и јавноста не само за време на изборната кампања, туку и по изборите и формирањето на новата влада, влијае негативно на меѓуетничките односи.

„Меѓуетничките односи очигледно стануваат повторно една тема околу која што се кршат копјата и актуелна тема во политичкиот и во јавниот дискурс во земјата. Сметам дека е тоа многу штетно за државата, дека меѓуетничките односи се носечки столб на нашата земја. Во земјава треба да се негуваат добри, одлични, би рекол, меѓуетнички односи“, рече Сарачини.

Според него, ниту политичките елити, ниту медиумите не придонесуваат доволно за релаксирање на меѓуетничките односи. Тој потсети на реториката во предизборната кампања, кога се зборуваше повторно за загрозување на Македонците или на Албанците, за тоа кој бил граѓанин од прв ред или од втор ред.

„Главните виновници – политичките елити, пред сè, но и дел од медиумите, кои што, очигледно, имаат блиски односи до одредени политички партии, [се тие] на кои што им одговара постојано меѓуетничките тензии да се разгоруваат, да се држат во жижата на интересот на јавноста и со тоа да се дефокусира јавноста од битните работи за јавниот интерес, за граѓаните, за општеството“, истакна Сарачини во гостувањето на „Вести плус“ на Канал 5.

Презмено од ИМА.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен