Сашко Насев и Кристина Николовска на Фестивалот „Свето слово“ во Бургас: Култура на градење на поетски и уметнички мостови

Македонските писатели Сашко Насев и Кристина Николовска беа меѓу десетината европски писатели кои учествуваа на 17. Меѓународен литературен фестивал „Свето слово“ – Мајски средби на словенските уметници, што од 29 мај до 2 јуни се одржува во бугарскиот приморски град Бургас.

Фестивалската програма опфаќа литературни читања, креативни работилници и натпревар во пишување песни инспирирани од културните, историските и природните атракции на регионот на Бургас. Почнувајќи од првото издание се одржа во 2007 година, мисијата на „Свето слово“ – во организација на невладината Народно читалиште „Љубен Каравелов 1940“, во партнерство со Здружението на писателите од Бургас и со поддршка на Фондот за култура на Општина Бургас – е проширување на контактите и соработката меѓу уметниците од словенските земји. Изминативе години во рамки на Фестивалот беа преведени на бугарски јазик и објавени десетици книги од авторите учесници, беа организирани нивни претставување, реализирани заеднички проекти и беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу Бургас и градовите од кои доаѓаат гостите учесници.

На годишното издание на Фестивалот, покрај Насев и Николовска, учествуваа и Никола Шимиќ Тонин од Хрватска, Сафета Осмичиќ од Босна и Херцеговина, Лабуд Лончар од Црна Гора, Ана Багријана од Украина, Елена Јанева од Холандија и бугарските писатели Аксинија Михаилова, Емилија Авгинова, Васил Костадинов, Роза Максимова, Милка Иванова и Константин Корадов.

-Програмата на фестивалот е богата и квалитетна, а литературните настани се одржуваат во Домот на писателите во Бургас и на автентични локалитети каде што се одржуваат творечки работилници, блиц конкурси за пишување стихотворби, инспирирани од културните, историски и природни богатства и знаменитости. Манифестацијата е една голема средба, подиум, крстосница во која се запознаваат и соработуваат писатели од поширокиот регион и писатели кои живеат во европските земји, изјави за Рацин.мк проф. д-р Кристина Николовска, поетеса, литературен критичар, раководителка на Катедрата за македонска книжевност и култура, и Претседателка на Собранието на ДПМ.

Таа посочува дека на манифестацијата се развила плодна соработка: по настапите, поетските читања, промоциите, креативни работилници, на средбите се разменувале идеи за конкретни проекти како преводи на дела, нови изданија и планирање на промоции.

Книжевната манифестација ,,Свето слово” е реномиран литературен фестивал кој со голема енергија го водат познатите бугарски писателки и неуморни организаторки Роза Бојанова, Наталија Неделкова и Вили Колева, кои се големи имиња и авторитети во бугарската книжевност.

Насев, Бојанова и Николовска

-Важно е да се учествува на вакви манифестации во актуелниот литературен и творечки ,,сообраќај”, кадешто културите на најубав, креативен начин имаат можност да се запознаваат и да соработуваат, вели Николовска.

Таа смета дека е важно да соработуваме, да покажеме синергија и да градиме мостови на културата. 

-Впрочем, ние сме култура на градење на поетски и уметнички мостови, или како што изјави бугарскиот поет Љубомир Левчев при добивањето на Златниот венец на  ,,Струшките вечери на поезијата”: ,,Македонија е Република на поезијата!”, потенцира Николовска.

И овој пат во Бургас, најновата македонската книжевност имаше можност да се промовира и афирмира во светот пред писатели од повеќе земји, и воедно да се запознае со најновата продукција на другите литератури. 

-Взаемната почит и соработка може да резултираат со успех и афирмација. Поетите, писателите, уметниците секогаш биле и ќе останат авангарда, локомотива на прогресот, придвижници кои градат иднина, вели Николовска. 

Николовска, Насев и Багрјана

Достојно претставување на најновата македонска книжевност имаше сјајното прозно дело ,,Средби со ѓаволот” од проф. д-р Сашко Насев, кое неодамна осамна во превод на бугарски јазик, а на украински јазик го преведе Ана Багријана. За делото беседеше Роза Бојанова, а за творечката и севкупна дејност на Насев говореше Николовска. 

-Сакам посебно да ја истакнам улогата на Насев и како одличен директор на македонскиот Културно-информативен центар во Софија, чија голема мисија во културата е за респект, бидејќи е вистински придвижник и мост кој поттикнува, поддржува и афирмира вредности со кои може да се гордееме, а македонската уметност, творештво и култура се афирмирани и удостоени на врвен пиедестал, потенцира Николовска

Покрај официјалниот дел од програмата, учесниците на Фестивалот ги посетија островот Свети Анастасија, рибарско село Ченгене Скеле, мегалитско светилиште Бегликташ на планината Странџа, историски локалитет „Акве Каледе – Термополис“ и градот-музеј Несебар.

Треба да знаете
Moже да ве интересира