Сашко Насев и Кристина Николовска меѓу европските писатели на Меѓународниот литературен фестивал во Бургас

Писатели од неколку европски земји, меѓу кои и македонските автори Сашко Насев и Кристина Николовска, од денеска до 2 јуни ќе учествуваат на 17. Меѓународен литературен фестивал „Свето слово“ – Мајски средби на словенските уметници, што ќе се одржи во бугарскиот приморски град Бургас.

Како што најавија организаторите на Фестивалот, фестивалската програма опфаќа литературни читања, креативни работилници и натпревар во пишување песни инспирирани од културните, историските и природните атракции на регионот на Бургас.

Покрај официјалниот дел од програмата, предвидено е учесниците на Фестивалот да ги посетат островот Свети Анастасија, рибарско село Ченгене Скеле, мегалитско светилиште Бегликташ на планината Странџа, историски локалитет „Акве Каледе – Термополис“ и градот-музеј Несебар.

Целта на фестивалот, чие прво издание се одржа во 2007 година, е проширување на контактите и соработката меѓу уметниците од словенските земји. Изминативе години во рамки на Фестивалот беа преведени на бугарски јазик и објавени десетици книги од авторите учесници, беа организирани нивни претставување, реализирани заеднички проекти и беа потпишани меморандуми за соработка помеѓу Бургас и градовите од кои доаѓаат гостите учесници.

На годишното издание на Фестивалот, покрај Насев и Николовска, ќе учествуваат и Никола Шимиќ Тонин од Хрватска, Сафета Осмичиќ од Босна и Херцеговина, Лабуд Лончар од Црна Гора, Ана Багријана од Украина, Елена Јанева од Холандија и бугарските писатели Аксинија Михаилова, Емилија Авгинова, Васил Костадинов, Роза Максимова, Милка Иванова и Константин Корадов.

Организатор на Меѓународниот литературен фестивал „Свето слово“ е невладината организацијата Народно читалиште „Љубен Каравелов 1940“, во партнерство со Здружението на писателите од Бургас и со поддршка на Фондот за култура на Општина Бургас. (МИА)

Треба да знаете
Moже да ве интересира