Мон Блан пораснал за речиси два метра од 2023 година

Највисокиот врв на Алпите, Мон Блан, сега е висок 4.807,47 метри, што е за 1,88 метри повеќе од мерењето во 2023 година. Новите податоци, добиени при експедиција во септември, денеска ги објавија француските геодети.

Според резултатите, Мон Блан во 2023 година бил висок 4.805,59 метри. Разликата се должи на промените во снежната и ледената покривка на врвот, чија дебелина варира зависно од временските услови, врнежите и ветровите.

Жан де Гаре, претседател на Комората на геодети во францускиот департман Горна Савоја, објасни дека висината на врвот постојано се менува и дека поединечните мерења не се доволни за да се извлечат заклучоци за долгорочните климатски промени.

Новите податоци покажуваат дека висината на Мон Блан не се менува рамномерно. Во 2021 година изнесувала 4.807,81 метри, а во 2023 година се намалила на 4.805,59 метри. Дополнителните мерења, чии резултати досега не биле јавно објавени, покажуваат висина од 4.808,51 метри во 2024 година и 4.808,76 метри во 2025 година.

Ова значи дека, иако Мон Блан е повисок отколку во 2023 година, неговата измерена висина е помала во споредба со минатата година.

За време на септемвриската експедиција, во која учествувале 32 лица, научниците користеле сателитски системи за позиционирање, беспилотни летала и георадар за испитување на снежната покривка и структурата под мразот.

За првпат на самиот врв биле извршени и гравиметриски мерења, со кои се испитуваат промените во Земјиното гравитациско поле. Овие податоци треба да помогнат подобро да се разбере дали промените во висината се поврзани со снежната и ледената маса или со геолошките процеси.

Геодетите нагласуваат дека краткорочните промени во висината на Мон Блан не можат директно да се поврзат со глобалното затоплување. За утврдување долгорочни трендови се потребни мерења во значително подолг временски период.

Мон Блан, кој се наоѓа на Алпите, на границата меѓу Франција и Италија, е највисокиот планински врв во Западна Европа.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?