Бугарскиот амбасадор во Скопје, Желјазко Радуков, изјави дека Бугарија не го поддржува бегството на Ива Михајлова од Македонија, но дека може да го разбере нејзиниот потег како постапка направена „во очај“.
Радуков беше повикан во Министерството за надворешни работи поради случајот со Михајлова и начинот на кој таа беше примена во Софија.
Според амбасадорот, случајот од самиот почеток бил хуманитарен и не требало да прерасне во политичко прашање.
Тој рече дека сè уште се утврдува на кој начин Михајлова стигнала во Бугарија и дали легално ја преминала границата. Нагласи и дека при нејзиното пристигнување немало официјален претставник на бугарската држава.
Радуков ја бранеше најавената средба на Михајлова со бугарската претседателка Илијана Јотова, оценувајќи дека е нормално во ваков случај да постои загриженост.
„Нормално е во еден таков хуманитарен случај да има загриженост, вклучително и од госпоѓа Јотова, како претседателка и како мајка“, рече Радуков.
Македонското МНР, пак, оцени дека начинот на кој Михајлова е третирана во Софија и најавите за прием на високо ниво претставуваат провокација и ги поткопуваат обидите за градење доверба меѓу двете земји.
Михајлова ја напушти Македонија и покрај судската забрана за напуштање на земјата и одземените македонски и бугарски пасоши. Таа е обвинета во постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици.
Проверките на МВР покажаа дека во системот нема регистриран нејзин излез од Македонија. Според информациите добиени преку соработката со бугарските гранични служби, нема регистриран ниту легален влез во Бугарија.
Самата Михајлова и нејзиниот адвокат тврдат дека границата ја преминала легално со лични документи.
По нејзиното заминување, Основното јавно обвинителство во Кочани побара определување притвор.

