Грејната сезона во Скопје започна два дена порано од официјалниот термин, но уште на стартот дел од потрошувачите останаа без парно поради дефекти на дистрибутивната мрежа. Од ЕСМ информираат дека екипите се на терен и постепено ја нормализираат испораката.
Проблемите, според ЕСМ Дистрибуција на топлина, се појавиле поради зголемени загуби на вода во мрежата.
Испораката веќе е нормализирана кај поголем дел од потрошувачите во Центар и Старата скопска чаршија, но дефекти сè уште има на неколку локации.
Без парно остануваат полициската станица во Пролет, Конзерваторскиот центар, Музејот на Северна Македонија и ОУ „Јашар Беј Шкупи“.
Привремени прекини биле регистрирани и кај дел од потрошувачите во Кисела Вода, Аеродром и Автокоманда.
Од ЕСМ велат дека екипите интензивно работат на санација на дефектите и целосно нормализирање на снабдувањето.
Потрошувачите кои немаат парно или сакаат да пријават дефект можат да се обратат во Центарот за грижа на потрошувачи на ЕСМ Снабдување на телефоните:
02 3076 200
075 400 100
За корисниците на системот на ЕСМ Енергетика достапни се и броевите:
02 3104 816
02 3104 872.
Грејната сезона годинава почна на 13 октомври поради падот на температурите, иако официјалниот почеток е 15 октомври. Согласно правилата, системот може да стартува порано доколку прогнозата за средната дневна температура е 12 степени или пониска.

