3,5 милијарди евра во вториот столб, МАПАС вели нема причина за страв

Нето-средствата во трите задолжителни пензиски фондови во Македонија достигнаа 215,1 милијарда денари, односно околу 3,5 милијарди евра, додека од власта во изминатиот период стигнуваат предупредувања за одржливоста на пензискиот систем и можни реформи.

На крајот на септември во вториот пензиски столб имало 642.652 членови. Најмногу средства има КБ Прв со околу 103,2 милијарди денари, Сава управува со 91,2 милијарди, а Триглав со околу 20,8 милијарди денари.

Податоците на МАПАС покажуваат дека средствата продолжуваат да растат. Само во септември нивната вредност се зголемила за 1,3 отсто.

Ова доаѓа во период кога претставници на власта сè погласно предупредуваат на проблемите во пензискиот систем, а Владата побара анализи од ММФ и Светска банка за одржливоста на првиот и вториот столб.

Најголемиот проблем, сепак, е во првиот столб – ПИОМ. Ревизијата покажа дека повеќе од една третина од приходите на Фондот се обезбедуваат директно од државниот буџет, бидејќи придонесите не се доволни за покривање на пензиите.

Токму поради тоа се отвори и прашањето дали проблемите во ПИОМ можат да се прелеат врз вториот столб.

Од МАПАС велат дека нема основа граѓаните да стравуваат за парите на своите индивидуални сметки.

Средствата во вториот столб се лична сопственост на членовите, законски се одвоени од имотот на пензиските друштва, ПИОМ и државниот буџет и се инвестираат под посебни правила и надзор.

Оттаму нагласуваат дека токму вториот столб бил воведен за да го намали ризикот што произлегува од стареењето на населението и намалувањето на бројот на вработени во однос на пензионерите.

Тоа не значи дека вториот столб е без ризици. Вредноста на инвестициите може да се менува во зависност од финансиските пазари, а висината на идната пензија зависи од уплатените придонеси, периодот на членство и приносот што ќе го остварат фондовите.

Но МАПАС потенцира дека пад на приносите не значи исчезнување на парите од индивидуалните сметки.

ММФ, пак, предупредува дека без промени пензискиот систем ќе создава сè поголем притисок врз јавните финансии. Меѓу можните мерки се промени во начинот на усогласување на пензиите, возраста за пензионирање и стапката на придонеси.

Тоа значи дека реформите најверојатно ќе се бараат во параметрите на системот, а не со укинување на вториот столб.

Во меѓувреме, бројките покажуваат дека на индивидуалните сметки на повеќе од 640.000 осигуреници веќе се акумулирани околу 3,5 милијарди евра.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?