СДСМ повторно побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по бегството на Ива Михаилова во Бугарија, обвинувајќи ја власта дека наместо да утврди одговорност, сега создава „театар“ околу случајот.
Членката на Извршниот одбор на СДСМ, Кети Штерјова, изјави дека Михаилова успеала да ја напушти земјата и покрај тоа што судот ѝ ги одзел и македонскиот и бугарскиот пасош.
„Сè е фарса. Ја пуштија Михаилова, а сега глумат дека ја бараат“, рече Штерјова.
Таа ги посочи распишувањето потерница, барањето притвор и повикувањето на бугарскиот амбасадор како активности што, според СДСМ, дошле откако Михаилова веќе ја напуштила државата.
Од партијата тврдат дека политичка одговорност прв треба да понесе Тошковски и го обвинуваат премиерот Христијан Мицкоски дека го штити министерот.
„Наместо одговорност, гледаме обиди вината да се префрли на СДСМ, Венко Филипче и Зоран Заев“, рече Штерјова.
Таа повторно го отвори и прашањето како Михаилова ја преминала границата ако немала пасоши кај себе и побара да се утврди дали имало пропуст или одговорност во граничната контрола.
Министерот Тошковски претходно изјави дека според досегашните информации Михаилова нелегално ја напуштила Македонија и најави проверка на снимките од граничните премини и испитување на полициските службеници.
СДСМ, пак, бара истрагата да утврди кој овозможил Михаилова да ја напушти земјата и дали во случајот биле вклучени службени лица.
Штерјова на прес-конференцијата упати и низа други обвинувања кон власта за функционирањето на полицијата и правосудството, кои ВМРО-ДПМНЕ и Владата ги отфрлаат како политички напади.

