Бугарската претседателка Илијана Јотова изјави дека се обраќала до бројни меѓународни институции, вклучително и до Обединетите нации, барајќи помош за Ива Михајлова од Кочани, која е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици во Македонија, а сега се наоѓа во Бугарија.
„Немаме време да ги набројувам сите институции до кои се обратив“, изјави Јотова, нагласувајќи дека за случајот го информирала и високиот комесар на ОН за човекови права.
Таа рече дека нејзините активности биле насочени кон заштита на Михајлова и обезбедување соодветна медицинска помош.
Според Јотова, во моментов најважно е Михајлова да биде темелно прегледана и да добие медицински третман во Бугарија.
На прашањето какви дополнителни активности ќе преземат бугарските власти, Јотова не даде конкретен одговор, туку најави дека јавноста дополнително ќе биде информирана.
Бугарската претседателка и претходно го отвораше случајот пред меѓународни институции. Во септември, на средба со високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, таа го претстави случајот на Михајлова како прашање поврзано со човековите права и положбата на лицата со бугарска национална самосвест во Македонија.
Нејзините изјави доаѓаат откако 23-годишната Михајлова ја напушти Македонија и пристигна во Бугарија, иако против неа се води судска постапка и ѝ биле определени мерки на претпазливост.
Михајлова е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по несреќата од октомври 2025 година во која загина едно лице, а повеќемина беа повредени.
Македонските надлежни институции соопштија дека на Михајлова ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош и дека имала судска забрана за преминување на државната граница.
МВР информираше дека во граничните евиденции нема регистриран нејзин излез од Македонија, ниту легален влез во Бугарија, според информациите добиени од бугарската гранична полиција.
На 13 октомври, Основното јавно обвинителство во Кочани побара определување притвор за Михајлова, откако полицијата известила дека не ја исполнувала обврската за редовно јавување и не била пронајдена на домашната адреса.
Од бугарското Министерство за надворешни работи претходно соопштија дека не биле однапред известени за нејзиното заминување од Македонија и дека не учествувале во организацијата на нејзиното пристигнување во Бугарија.

