Силното невреме што го зафати Истанбул предизвика големи поплави, блокирани улици, поплавени домови и деловни објекти, а турските власти регистрираа 2.518 пријави за последиците од обилните врнежи. Поради влошените временски услови, наставата во градот е прекината за четврток, 15 октомври.
Според податоците на гувернерството на Истанбул, од 6 до 20 часот во средата биле регистрирани 1.277 пријави за поплави, 15 свлечишта и 47 случаи на заглавени граѓани. Пријавени се и проблеми со 808 станбени објекти, 280 деловни простории и 76 возила, како и 13 паднати дрвја и два оштетени покриви.
Во некои делови од градот наврнале исклучително големи количества дожд. Најмногу врнежи се измерени во Бејкоз, каде што биле регистрирани речиси 194 литри дожд на квадратен метар, додека во Арнавутќој и Саријер количествата надминале 120 литри.
Поплавите предизвикале сериозни проблеми во сообраќајот. Улици, подвозници и тунели биле целосно покриени со вода, а голем број возила останале заглавени. Во населбата Есенјурт, силната водена струја однела жена по улицата, но граѓаните успеале да ја спасат.
На социјалните мрежи се појавија снимки од автомобили што ги носи водата, поплавени подземни премини и граѓани кои се обидуваат да се извлечат од надојдената вода. Сообраќајниот метеж во одреден момент достигнал 89 проценти.
Гувернерството соопшти дека на терен се ангажирани околу 8.000 припадници на интервентните служби, со приближно 2.000 возила и работни машини. Формиран е и кризен штаб за координација на интервенциите.
Властите ги повикаа жителите да избегнуваат непотребни патувања, а особено внимание им е препорачано на лицата што живеат во подрумски и приземни простории. Поради опасноста од нови поплави, граѓаните се предупредени да ги следат официјалните информации и временските предупредувања.
Според досегашните информации, нема потврдени смртни случаи во Истанбул. Надлежните служби продолжуваат со интервенциите, додека опасноста од нови обилни врнежи останува.

