Мозаици стари околу 1.500 години, пронајдени во ранохристијанска црква во Турција, можеби содржат досега недоволно истражена симболика поврзана со библиската рајска градина. Ново научно истражување покажува дека приказот на четирите реки што извираат од Едемската градина не бил само религиозна декорација, туку можел да пренесува порака за човечките доблести и духовното спасение.
Мозаиците се наоѓаат во античкиот град Хадријанополис, во турската провинција Карабук, на подот на ранохристијански храм познат како Црквата на четирите реки. Тие потекнуваат од петтиот или шестиот век и претставуваат еден од ретките зачувани примери на ваква библиска иконографија во Анадолија.
Истражувачите Нургул Озер Урас и Мустафа Ѓореген, во студија објавена во научното списание „Меденијет“, утврдиле дека композицијата веројатно имала многу подлабоко теолошко значење отколку што претходно се претпоставувало.
На мозаикот се прикажани четирите реки споменати во библиската Книга Битие – Фисон, Гион, Тигар и Еуфрат. Наместо како обични водотеци, тие се претставени како човечки фигури, чии имиња се испишани на грчки јазик.
Фигурите носат облека карактеристична за античката уметност и држат рогови на изобилството од кои истекува вода во заеднички базен украсен со риби. Овој приказ ги поврзува старогрчките и римските уметнички традиции со христијанската симболика.
Според новото толкување, четирите реки можеби ги претставувале четирите основни доблести – разумноста, храброста, умереноста и праведноста.
Истражувачите се повикуваат на раните еврејски и христијански толкувања на Светото писмо, особено на делата на Филон Александриски и Амвросиј Милански, кои библиските реки ги поврзувале со духовните и моралните вредности.
Во таквото толкување, Фисон ја симболизира разумноста, Гион храброста, Тигар умереноста, а Еуфрат праведноста. На тој начин, мозаикот можел да служи како визуелна поука за верниците кои влегувале во црквата.
Научниците посочуваат и други интересни детали. Рибите и водата се поврзуваат со крштевањето и духовното прочистување, додека еден од мозаиците содржи симбол во облик на крст за кој се претпоставува дека имал заштитно значење.
Во храмот се зачувани и прикази на паун, животни и растителни мотиви, како и грчки натписи што сведочат за луѓето кои учествувале во украсувањето на црквата.
Слични претстави на четирите рајски реки биле присутни и во други ранохристијански цркви на Медитеранот, вклучително и на просторот на денешна Македонија, во Охрид.
Археолошките истражувања во Хадријанополис започнале во 2003 година, а досега се откриени остатоци од цркви, бањи, станбени објекти и гробници, кои сведочат за значењето на градот во доцноримскиот и рановизантискиот период.
Авторите нагласуваат дека новата студија не претставува доказ за физичката локација на библиската рајска градина. Станува збор за ново толкување на одамна познати мозаици, кое покажува како раните христијани ја претставувале библиската приказна за создавањето на светот и преку уметноста ги пренесувале своите религиозни учења.

