Сателитски снимки од Ел Фашер укажуваат дека во градот продолжуваат масовните убиства

ОН соопшти дека над 65.000 луѓе избегале од градот, но дека десетици илјади останале заробени

Сателитските снимки од Ел Фашер укажуваат дека масовните убиства продолжуваат во и околу овој судански град, изјавија денеска истражителите од Универзитетот Јеил кои ги анализираа снимките.

Членови на паравоената милиција на Силите за брза поддршка –РСФ (RSF), кои се во војна со суданската армија од април 2023 година, го освоија Ел Фашер во неделата, протерувајќи ја армијата од нејзиното последно упориште во западниот регион Дарфур по 18-месечна опсада, објави Си-Би-ЕС Њуз (CBS News).

По падот на градот, имаше бројни извештаи за случајни егзекуции, масовни убиства, сексуално насилство, напади врз хуманитарни работници, грабежи и киднапирања.

Лабораторијата за хуманитарни истражувања на Јеил соопшти дека најновите сателитски снимки од петокот не покажуваат големо движење во градот, што им дава причина да веруваат дека поголемиот дел од населението е „мртво, заробено или скриено“.

Истовремено, лабораторијата на Јеил објави дека постојат јасно видливи индикатори дека масовните убиства продолжуваат.

Истражителите, исто така, анализирале снимки на кои се прикажани возила на РСФ во населбата Дараџа Оула во текот на изминатите неколку дена.

ОН соопшти дека над 65.000 луѓе избегале од градот, но дека десетици илјади останале заробени.

Пред последниот напад на РСФ, Ел Фашер имал околу 260.000 останати жители.

На конференција во Бахреин, шефот на германската дипломатија, Јохан Вадепул, денеска изјави дека Судан има „целосно апокалиптична ситуација и најголема хуманитарна криза во светот“.

Тој додаде дека членовите на РСФ „ветиле дека ќе ги заштитат цивилите и дека ќе бидат одговорни за овие дејствија“.

На истиот состанок, шефицата на британската дипломатија Ивет Купер ги опиша настаните во Судан како „навистина ужасни“.

Според локалните и меѓународните организации, само во последните неколку дена, за време на заземањето на Ел-Фашер, во нападите на РСФ се убиени помеѓу 1.500 и 2.000 лица.

Суданската влада вели дека најмалку 2.000 луѓе се убиени во градот, додека хуманитарните организации известуваат за егзекуции, напади врз цивили по патиштата за бегство и рации од куќа до куќа.

Исто така, беше регистрирано сексуално насилство, особено врз жени и девојчиња.

Падот на Ел-Фашер ги става РСФ во речиси целосна контрола врз огромниот регион Дарфур, зголемувајќи ги стравувањата од нова поделба на Судан, повеќе од една деценија по создавањето на Јужен Судан.

Според податоците на ОН, во граѓанската војна досега загинаа повеќе од 40.000 лица, но хуманитарните организации наведуваат дека вистинската бројка е многу поголема.

Поради војната, повеќе од 14 милиони лица се раселени, а се појавија и епидемии кои, како што се верува, убиле илјадници луѓе, потсетуваат американските медиуми.

Зачлени се на нашиот е-билтен