Савески најави крај за предмети во„фиока“ и селективната правда

Кандидатот за нов државен јавен обвинител, Ненад Савески, најави дека како приоритет ќе ги постави дигитализацијата, отчетноста и подобрувањето на условите за работа во обвинителството. Во изјава дадена пред денешната собраниска одлука, тој рече дека не смее да има предмети што ќе остануваат „во фиока“ и дека секој случај ќе мора да се работи според закон, рокови и утврдени принципи.

Савески посочи дека првиот чекор би бил да ја согледа состојбата во институцијата и да се воспостави систем преку кој ќе може да се следи работата на обвинителите по предмети. Според него, токму дигитализацијата треба да помогне да се види каде настануваат застои, дали поради недостиг на обвинители, стручни соработници или друг помошен кадар.

Тој рече и дека обвинителството не може ефикасно да се бори против организиран криминал ако самата институција работи со слаби ресурси. Во изјавата нагласи дека платите не се единствениот проблем, туку дека многу поважни се условите за работа, техничката опременост и обезбедувањето доволно финансиски средства за непречено постапување.

Савески е предлог на Владата за нов државен јавен обвинител и за избор му се потребни најмалку 61 глас во Собранието. Тој е судија во Основниот кривичен суд Скопје од 2016 година, претходно бил јавен обвинител, а во постапката за избор беше предложен по оставката на Љупчо Коцевски. Во неговата биографија се наведува дека е магистер по казнено право и дека работел на предмети од организиран криминал и корупција.

Извори: Фокус

Зачлени се на нашиот е-билтен