Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

СДСМ бара оставка од Цвета Ристовска поради судир на интереси

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) треба да биде пример за интегритет, а не да остава сомнеж дека штити нечии интереси, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

СДСМ побара оставка од членката на ДКСК, Цвета Ристовска, поради основани сомнежи за судир на интереси во случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски, и неговата спорна диплома.

Според медиумските извештаи, кои се достапни за јавноста, Ристовска, која реферирала дека „сè е во ред“ со дипломата на Христовски, е предавач на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје – институцијата што ја издала спорната диплома. Ова е директен судир на интереси и спротивно на Етичкиот кодекс на ДКСК, каде што јасно се наведува дека членовите не смеат да учествуваат во одлучување за предмети каде постои таков судир.

„Ристовска требаше да биде изземена од овој случај. Наместо тоа, ДКСК остава впечаток дека ги штити тие што треба да ги истражува,“ рече Кузеска.

Како што додава Кузеска дополнителни сомнежи будат постапките на Универзитетот за туризам и менаџмент, кој ја избришал Ристовска од списокот на универзитетски кадар по објавувањето на информациите за случајот, а потоа повторно ја вратил на својата интернет-страница.

„Ако нема ништо спорно, зошто овие постапки? Ова е обид да се сокрие нешто од јавноста,“ потенцираше Кузеска.

СДСМ постави три итни барања:

-Оставка на Цвета Ристовска од ДКСК поради судир на интереси што ја загрозува довербата во институцијата.

-Повлекување и преиспитување на одлуката за случајот со дипломата на Бојан Христовски.

Расчистување на евентуалните неправилности во анализата на Државниот просветен инспекторат.

„Институциите мора да работат со највисок интегритет во интерес на граѓаните. Судирите на интереси, манипулациите и злоупотребите мора да бидат санкционирани,“ заклучи Кузеска.

Зачлени се на нашиот е-билтен