Македонија се соочува со најголемата измама и обид за затскривање на вистината за најголемата трагедија која се случи во поновата македонска историја, изјави денеска портпаролката на СДСМ Богаднка Кузеска која изнесе нови детали околу одговорноста за пожарот во Кочани.
Таа сподели податоци од Државниот завод за ревизија каде меѓу донаторите на кампањи на ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа и името на компанијата „Салтировски консалтинг“ од Делчево чиј сопственик е Антиа Салтировска, сопруга на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски.
„Освен донации од фирмата „Салтировски Консалтинг” ДООЕЛ увоз-извоз Делчево на списокот на донатори може да се најде и името на сопругата на началникот на СВР Штип Дејан Салтировски, Анита која освен донации преку компанијата, вршела уплата на донации и од свое лично име“ рече Кузеска.
Потоа, портпаролката на СДСМ преку низа прашања отвори сомнежи за наводен рекет кон угостители и полициска заштита за газдата на дискотеката Пулс.
„Дали „Салтировски Консалтинг”, сопственост на сопругата на началникот на СВР Штип служела како фирма параван за прибирање на рекет од локалите кои биле изоставени од контрола на полицијата – како што бил примерот со дискотеката „Пулс”? Дали оваа компанија водела фиктивно сметководство за компаниите „Класик” ДООЕЛ и „ММММ” Дооел кои управувале со дискотеката „Пулс” на газда Деко? Дали со транши од Деко на „Салтировски консалтинг” ДООЕЛ од Делчево се исплаќал договорениот паушал за полициска заштита на „Пулс”? Дали „Салтировски Консалтинг” ДООЕЛ била вмешана и во скандалот „Делчевски Ниви” кој магично исчезна од судските процеси? Конечно, дали овие пари од Деко завршувале за финансирање на кампањите на ВМРО-ДПМНЕ?“ порача Кузеска.