Предавниците од ВМРО-ДПМНЕ И ЗНАМ денеска го изгласаа предавството на Македонија, ја изгласаа предавничката резолуција што сами си ја донесоа во Собранието, реагираат од СДСМ откако Собранието денеска ја донесе „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“ поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Денешниот 17 декември 2025 година ќе остане запаметен како ден на којшто ДПМНЕ и ЗНАМ го заверија предавството на Македонија. Без Христијан Мицкоски кој ги остави сами. Побегна дури до Брисел, остави други да го изгласаат неговото предавство на Македонија! Прашањето е дали сите пратеници на ДПМНЕ-ЗНАМ добија по 1,2 милион евра, дали добија по 5,3 милиони евра, дали добија по 9 милиони евра за оваа срамна одлука – за ова предавство? Колку пари земавте за предавството на Македонија? Дали на сите ви поделија тендери? Колкав е вашиот дел од 6 милијарди евра кредит? СДСМ нема да биде нем посматрач на ова национално предавство, мигранти за пари“, порачуваат од СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека ќе ги искористат сите демократски механизми за да се спротивстават на ова, како што велат, национално и државно предавство.
„Ги повикуваме сите опозициски партии, здруженија, невладини организации да ни се приклучат во фронтот против криминалната власт. Ги повикуваме и искрените и чесни членови на ДПМНЕ кои ја сакаат Македонија и знаат дека ова што го прави нивното раководство е за пари да се приклучат. За Македонија се работи! Борбата започна! А за предавство се знае што следува? Ќе одговараат!“,се наведува во соопштението на СДСМ.
Собранието со 65 гласа „за“ и пет гласа „против“ попладнево ја донесе „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“ поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.