СДСМ: Сиљановска е како мегафон на ВМРО-ДПМНЕ, наместо државнички пристап за резолуцијата, ја нападна по теркот на Мицкоски

СДСМ со став дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова уште еднаш покажа дека не е претседател на сите граѓани, туку гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините дневнополитички ставови.

Од таму сметаат дека наместо државнички пристап, наместо да ја поддржи иницијативата за национален консензус во клучен момент за евроинтеграциите, таа ја нападна идејата на СДСМ за резолуција со јасно дефинирани државни позиции и црвени линии.

„Претседателот треба да биде фактор на стабилност и обединување, а таа избира да биде продолжена рака на владата и на пропагандата на Христијан Мицкоски. СДСМ ја предлага резолуцијата со цел државата конечно да заземе единствен и јасен став по прашањата поврзани со европските интеграции и преговорите со ЕУ. Таков пристап не само што е легитимен, туку е и неопходен – ако сакаме да ги заштитиме државните интереси и достоинството на граѓаните“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите порачуваат дека претседателот на државата има уставна и политичка обврска да биде фасилитатор на националниот дијалог, а не негов најгласен противник.

„Но, од Сиљановска не видовме ниту една конкретна иницијатива, ниту една остварена дипломатска цел, ниту еден став кој ги обединува граѓаните. Наместо тоа, цела година ја помина во културни протоколи и одење по концерти, додека државата се соочува со сериозни предизвици. СДСМ останува посветен на патот на ЕУ и ќе продолжи да работи за консензус. Но нема да молчи пред деструктивноста на една претседателка која повеќе личи на говорник на митинг, отколку на државник“, велат од СДСМ.

Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, денеска од Охрид порача дека нема потреба од нова декларација за црвените линии на државата за евроинтеграциите, која опозициската партија СДСМ најави дека ќе ја достави.

„По толку многу бели линии, сега да зборуваме за црвени линии е апсурдно. Имаме декларација, и тоа не една, туку неколку декларации усвоивме во Собранието и тие не се почитуваа. Дури ни резултатот од референдумот не го почитувавме, а камоли црвените линии. Не разбирам што значи црвена линија во овој правец, особено не го разбирам аргументот дека ако соседот сепак стави вето, ние ќе ги прекинеме преговорите. Па ќе ги прекинеме разговорите и тоа ќе му одговара на соседот, но ќе го менуваме Уставот по 37-ми пат“, вели претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова.

Зачлени се на нашиот е-билтен