СДСМ: Јаневска продолжува со хаосот во образованието – удри врз учениците, го партизираше системот, а сега ќе затворала и училишта

СДСМ со тешки обвинувања за министерка за образование, Весна Јаневска. Од таму велат дека во само една година таа успеала да направи незапаметен хаос во образованието, целосно да го урне достоинството на просветните работници и да нанесе штета врз учениците.

Според нив образовниот систем Јаневска го претвори во лабораторија за политички експерименти на ВМРО-ДПМНЕ на штета на учениците и просветните работници.

„Ја повикуваме министерката Јаневска да ја прекине политичката злоупотреба, да ги повлече сите незаконски решенија и притисоци, и да отпочне итна, јавна и транспарентна дебата за сите образовни политики. Сега најавува затворање на 100 училишта и без срам вели дека треба да се пренаменат во старски домови. Ова е крајниот доказ дека Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту визија, ниту план за образованието. Не знаат што да прават, па ќе затвораат стотици училишта. Училиштата се срцето на секое општество, тие се иднината на земјата. Очигледно Јаневска и ВМРО-ДПМНЕ не ја разбираат ниту улогата ниту значењето на училиштето. Наставниците се понижени, нивниот труд е погазен целосно“, вели Јованче Манасков од Комисија за образование при СДСМ.

Социјалдемократите сега предупредуваат дека Јаневска ‘удира’ и врз учениците, и тоа врз најранливите, врз најчувствителната група ученици.

„Ги избрка искусните и обучени образовни асистенти и ги замени со партиски кадри. Наместо децата да го добијат лицето на кое му веруваат, добија непознати луѓе без искуство, но со членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ. Јаневска го руши инклузивното образование за да вдоми партиски војници! Но тука не застана. Државниот просветен инспекторат е целосно ставен под лична и партиска контрола. Наместо независна институција, Јаневска го претвори во алатка за притисок, закани и политички реваншизам врз директори и наставници. Им се заканува со неисплаќање на патните трошоци на државните просветни инспектори, заканувајќи се од собраниската говорница дека таа е авторитетот на инспекторите. Донела Правилник за патните трошоци во нетранспарентна процедура со ретроградно дејство на штета на инспекторите. Со партиски подобните инспектори прави хајка, закани и притисоци врз директорите за нивно разрешување. Ова е брутална партизација на образованието!“, вели Манасков.

Манасков, потсети дека Јаневска како опозиција ја напаѓаше новата концепција за основно образование, а сега признава дека имала „добри елементи“. Тој сега прашува ‘Зошто тогаш ја блокираше цела една генерација ученици? Зошто дозволивте тие деца да бидат оставени без системска поддршка за нивната иднина?’

„Дури Јаневска оди до таму што јавно признава дека „тие се договориле“ да не ги сменува директорите на ресурсните центри затоа што промената на директор можело да биде голем потрес. А сменети се 3 од 5 директори. Со кого сте се договарале, министерке? Со партијата? Како тоа ВИЕ се договарате да НЕ ги смените директорите на ресурсните центри? Кои сте тоа ВИЕ, министерке, да одлучувате на кого ќе му остане мандат, а кого ќе смените? Директорите се именувани со мандат. Ова не е ваша приватна фирма, туку образовен систем што мора да функционира според закон, а не според вашите партиски калкулации“, додава Манасков.

Тој порача дека СДСМ остро го осудува ова безредие, партизација и уривање на образовниот систем.

„СДСМ ќе биде гласот на родителите, учениците и наставниците. Ќе ве следиме, ќе ве надгледуваме и ќе ви се спротивставиме – затоа што ова не е борба за партија, туку за иднината на нашите деца!“, рече Манасков.

Зачлени се на нашиот е-билтен