Кривичната пријава што МВР ја поднесе против поранешниот министер за внатрешни работи и сегашен пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски, за социјалдемократите не е правна, туку политичка приказна. Од партијата тврдат дека власта на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го користи обвинението како алатка за дефокусирање од договорот за прием на мигранти и од, како што велат, „бројните криминални скандали за крадење на парите на граѓаните“.
Во соопштението на СДСМ се оценува дека актуелната власт функционира по „копи-пејст“ матрица, преземена од владеењето на Александар Вучиќ во Србија. ВМРО-ДПМНЕ, според нив, не само што ги копира политичките сценарија од Белград, туку директно соработува со тимови кои работат и за Вучиќ. Така, кривичната пријава против Спасовски се претставува како дел од поширок модел на политички прогон и медиумска кампања за дискредитација на опозицијата.
СДСМ потсетува дека денот кога МВР ја објави кривичната пријава против Спасовски, претседателот на партијата, Венко Филипче, на прес-конференција зборуваше за тајните преговори на Владата со Велика Британија за мигрантски „повратни центри“, интеграција на мигранти во македонското општество и можни финансиски компензации по лице. Веднаш потоа, велат од партијата, следувал удар токму кон човекот кој треба да ја турка Резолуцијата за мигрантите во Собранието – координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
„Ова е класичен обид за политички прогон“, порачуваат од СДСМ, тврдејќи дека таргетирањето на Спасовски е директно поврзано со планот токму тој да биде носител на иницијативата за собраниска резолуција со која ќе се бара јасно отфрлање на можноста Македонија да стане дестинација за трајно сместување мигранти депортирани од Британија. Наместо одговор на тоа прашање, велат, власта пушта нова афера.
Социјалдемократите ја рамат оваа ситуација и преку веќе познатите изјави на премиерот Христијан Мицкоски. Го потсетуваат на неговото ветување дека „ако се пронајде еден мигрант од Британија“ во Македонија, трајно ќе се повлече од политиката, и го споредуваат со порано дадената изјава за агенцијата за обезбедување поврзана со дискотеката „Пулс“ во Кочани: „дајте ми доказ и утре ќе поднесам оставка“. Според СДСМ, поврзаноста на Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ со агенцијата била документирана, но оставка од Мицкоски – немало.
Во овој контекст, кривичната против Спасовски јавно ја претставуваат како уште еден чекор во истата политичка матрица: наместо да се одговара на прашањата за мигрантскиот договор и за скандалите во власта, фокусот се префрла кон опозицијата и нејзините пратеници. „Сè ќе им пукне како меур од сапуница, граѓаните гледаат и знаат сè“, порачуваат од СДСМ, најавувајќи и „нова бомба“ за следниот ден, со што оставаат простор за нови објави и притисок врз Владата.
Во позадина на политичката реторика стои сериозна правна тема. Кривичната пријава против Спасовски се однесува на периодот 2021 година, кога тој беше министер за внатрешни работи. МВР го товари дека во законски предвидениот рок не донел решение за одземање на овластувањето за технички преглед на станица во скопски Сарај, и на тој начин овозможил фирмата да стекне противправна имотна корист од околу 5,5 милиони денари. Станицата е иста онаа на која технички преглед поминал автобусот на „Беса транс“ пред трагичната несреќа во Бугарија.