СДСМ со ново партиско соопштение го обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека „по модел“ на српскиот претседател Александар Вучиќ подготвува предвремени избори напролет. Од партијата тврдат дека Мицкоски, кој во соопштението го нарекуваат „ученик“ на Вучиќ, свесно го повторува „српскиот политички рецепт“ – реконструкција на Владата, потоа драматични најави и конечно распишување избори.
Во СДСМ посочуваат дека е „симптоматично“ тоа што Мицкоски зборувал за избори ист ден кога Вучиќ во Србија најавил излез на гласање, а паралелно биле објавени и, како што велат, „лажни анкети“ за рејтингот на партиите. Според соопштението, реконструкцијата на Владата во Скопје е само „шминкање по српски терк“, чија цел е да се подготви терен за избори во период кога политичките случувања во Србија и Унгарија можат директно да влијаат врз судбината на поранешниот премиер Никола Груевски.
СДСМ гради поширока регионална слика и зборува за „вертикала“ составена од ФИДЕС на Виктор Орбан во Унгарија, СНС на Вучиќ во Србија и ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, во чиј контекст се спомнува и азилот што Груевски го доби во Будимпешта. На оваа оска, според партијата, ѝ се придружува и Словачка со владеењето на премиерот Роберт Фицо.
Во соопштението се потсетува и на големите протести во Унгарија, Словачка и особено во Србија, кои СДСМ ги поврзува со високото ниво на корупција. Како пример се наведува несреќата со паднатата настрешница на железничката станица во Нови Сад, при што загинаа 16 лица, а српското обвинителство, според цитатите во соопштението, сомничи дека при реновирањето исчезнале десетици милиони долари преку наместени тендери.
Паралелно, СДСМ се повикува и на изјави на американскиот претседател Доналд Трамп, кој, како што е наведено, ја обвинил српската компанија „Roaming Networks“ (позната и како „Dot Networks“) дека преку своите сервери учествувала во манипулирање со изборите во САД во 2020 година. Во соопштението се нагласува дека фирмата наводно е во сопственост на бизнисмени блиски до Српската напредна партија и до самиот Вучиќ.
СДСМ ја спомнува и „СКАЈ“ преписката – енкриптирана комуникација што ја обезбеди Европол – која веќе се користи како доказ во судски процеси во Србија и Црна Гора. Таму, според партијата, се очекува наскоро да се открие идентитетот на лице означено како „Оскар“, за кое се тврди дека е организатор на криминални активности на Балканот. Во соопштението се додава дека „во Македонија сите знаат кој е нашиот ‘Оскар’“ и се говори за „мал и голем Оскар“, како алузија на домашни политички фигури.
Во истата линија се спомнува и неодамнешното апсење на поранешната висока претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, која, според СДСМ, била вмешана во корупциски скандал, а во регионот е позната по улогата во дијалогот Белград–Приштина.
СДСМ оценува дека евентуални избори напролет во Србија ќе имаат директно политичко влијание и во Македонија. Во соопштението се тврди дека „Груевски, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат луксуз да го дочекаат падот на српскиот режим“, бидејќи тоа би ги открило нивните наводни поврзаности со структурите на СНС, како и вмешаност во разни афери.
Партијата наведува дека азилот на Груевски во Унгарија зависи од изборните исходи во Будимпешта и дека, поради тоа, тој наводно врши притисок во Македонија повторно да се воспостави власт под негова контрола, како „резервна опција“ за сопствената иднина.
Во заклучокот, СДСМ оценува дека „и соседите имаат бомби“ и дека денешните скандали во регионот наликуваат на политичката и корупциска криза во Македонија од 2015 година. Соопштението завршува со порака дека „верзија 2.0“ на тие процеси веќе започнала и дека е време за „нов лист во цела Европа“, повикувајќи на „нова сила, нова енергија, нов тим и вистински правец – Европа“.

