Социјалдемократите обвинуваат дека од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ со денови се штанцаат лаги, конструкции и валкани манипулации, насочени кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Јавно, јасно и гласно повторуваме: Венко Филипче нема никаква врска со Крмзов, ниту со било кои измислени сценарија што панично ги пласира ВМРО-ДПМНЕ. Оваа очајна црна кампања само ја разоткрива внатрешната нервоза и стравот кој владее кај Мицкоски и неговата партија. Наместо идеи, резултати или одговори на сериозните прашања од јавноста, ВМРО-ДПМНЕ се крие зад фабрикувани обвинувања и дезинформации“, велат од СДСМ.
“Вистината е јасна – ова е обид на Мицкоски да ја тргне фокусот од својот долгогодишен соработник и близок партиски кадар, Александар Нацев – притворениот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, осомничен за трагедијата во дискотеката Пулс во Кочани“.
СДСМ ја потсетува власта дека Нацев е дел од ВМРО-ДПМНЕ и е член на Комисијата за одбрана и безбедност, делегат на конгресот на кој Мицкоски беше избран за претседател, со редовни настапи од истата таа говорница од која денес се шират лаги.
„Мицкоски и Нацев имаат заедничка историја, заеднички фотографии, заедничка одговорност. Тоа е дебела врска сплетена околу вратот на кочанчани“, велат од СДСМ.