СДСМ: Можно е да биле уништени важни докази за пожарот во Кочани

Социјалдемократите сметаат дека приведените полициски службеници се лицата за кои СДСМ ги објави сите факти и аргументи во серијалот „Вистината за Кочани“. Без притисокот од СДСМ, јавноста и дел од медиумите немаше да се постапи воопшто.

Од таму посочуваат дека со тоа се потврди дека СДСМ ја зборува вистината за трагедијата во Кочани од првиот ден.

„Со месеци Тошковски и Јанев ги штитеа и ја лажеа јавноста дека нема никаква вина кај полициските службеници кои се директно одговорни за пожарот во кој изгореа 62 деца а над 200 беа повредени. За тоа време се остави огромен простор истрагата да биде компромитирана, можно е да биле уништени важни докази.СДСМ прашува: Колку докази исчезнаа во меѓувреме додека Тошковски и Јанев ги штитеа нивните полицајци и функционери? Ова е недозволиво однесување и мора да има целосна институционална, политичка и кривична одговорност“, велат лод СДСМ.

Од СДСМ тврдат дека треба да се бара кривична одговорност од Александар Јанев, директорот на Бирото за јавна безбедност, кој ги поставил, им давал наредби. За да не влијае на истрагата и расчистување на случајот треба да си понесе оставка.

„Истото важи и за Панче Тошковски кој ја штитеше неговата структура во полицијата и тврдеше дека нема вина. Христијан Мицкоски пак ја злоупотребуваше трагедијата за политички напади, свесно лажеше, ги манипулираше родителите, јавноста, додека вистинските виновници од неговата власт беа заштитувани. Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски  – нема правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, за граѓаните и за државата“, велат од СДСМ.

Социјалдемократите потенцираат дека јавноста мора да знае кој ја кочеше истрагата, кој ги штитеше виновните и кој учествуваше во прикривањето на една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија.

Зачлени се на нашиот е-билтен