Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

СДСМ: Нов скандал, Тошковски го ослободил бодигардот на Мицкоски кој тепаше полицаец

Полицаецот Ивица Бисовски, кој беше дел од обезбедувањето на Христијан Мицкоски, и кој тепаше друг полицаец пред кафе барот Мош во Скопје, министерот за внатрешни работи Тошковски го ослободил од одговорност, соопштија денеска од СДСМ на прес конференција што ја одржа портпаролката Богданка Кузеска.

„Јавноста уште еднаш ќе се увери дека со Мицкоски и Тошковси нема ниту правда, ниту одговорност за блиските до ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е уште еден, нов скандал поврзан со работата на министерот Панче Тошковски и МВР. Се враќа МВРО-ВМРО на голема врата“, беше истакнато на прес конференцијата.

Од СДСМ потсетија дека „сериозниот инцидент, се случи во февруари 2024 година, а натепан беше полицаец, инспектор во НТШ додека спроведувал акција против трговија со дрога“.

„Беше поведена дисциплинска комисија а лично Тошковски најавуваше и кривични пријави. Се случи спротивно. Тошковски го ослободува Бисовски. Иако Комисијата за дисципинска постапка побарала Бисовски да биде казнет, лично Панче Тошковски го ослободува бодигардот на Мицкоски од одговорност“, посочи Кузеска.

За блиските луѓе на Мицкоски сѐ е дозволено, дури и да тепаат полицајци, беше речено на прес конференцијата, иако Тошковски на 19 февруари како технички министер, веднаш по инцидентот рече: “Одреден припадник на МВР сторил насилство со што ја погазил честа на службите во Министерството, па и честа на Македонија“

„Епа министре Тошковски вие денеска не само што го погазивте зборот, ја погазивте честа и угледот на целото МВР, на сите полицајци. Покажавте дека ниту за правдата, ниту за одговорноста, ниту пак за тепаниот полицаец кој изеде ќотек пред кафе барот Мош воопшто не ви е грижа“, нагласи портпаролката на СДСМ Кузеска.

Од СДСМ го повикаа Панче Тошковски да излезе пред јавноста и да одговори дали оваа срамна одлука е донесена под директен налог на Христијан Мицкоски и која вистинската причина за која е ослободен Бисовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен