„Максим Димитриевски е најголемото политичко разочарување и тројански коњ во служба на ВМРО-ДПМНЕ.“ Со оваа порака организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, денеска ѝ се обрати на јавноста на прес-конференција од партиското седиште во Скопје.
Костовски ја обвини партијата на градоначалникот на Куманово дека се откажала од сите изборни ветувања и, како што рече, „се претворила во безгласна буква во владината коалиција“.
„Ветуваше независност и чесност, а заврши како привезок на политиките на Христијан Мицкоски“, изјави Костовски. „Се колнеше дека нема да прифати внесување на Бугарите во Уставот без одложена примена, а денес ја смени лентата.“
Според СДСМ, Димитриевски не само што молчи пред, како што ги нарекоа, „коруптивните практики на коалициските партнери од ВЛЕН“, туку и активно го поддржува „коленичењето“ на Владата пред нивните барања.
„Ваква сервилност досега немало“, рече Костовски, додавајќи дека „Максим Димитриевски единствено е способен за делење функции и удобни фотелји, без ниту еден резултат освен станови и парцели вредни 300.000 евра.“
СДСМ најави дека „граѓаните ќе го казнат“ Димитриевски на првите избори, бидејќи, како што велат, „Македонија заслужува одговорни луѓе, а не лажни патриоти кои за фотелја се откажуваат од сè што ветиле“.
Од таборот на Максим Димитриевски засега нема реакција на ваквите обвинувања.