СДСМ обвинува: Владата ги преполови спортските субвенции, Министерството за спорт без јасни критериуми за распределба на пари

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во првата година од мандатот го довела спортот „на работ на колапс“, тврди опозициската СДСМ. На денешната прес-конференција претседателот на партиската Комисија за спорт, Панче Милевски – Панта, оцени дека буџетската поддршка за клубови и федерации е скратена за околу 40 отсто, а критериумите по кои се доделуваат средствата не се јавно објавени.

„Наместо планирани 15 милиони евра за 2025, во ребалансот остануваат 6,7 милиони – најниско ниво досега. Ниту еден правилник или извештај за распределбата не е достапен“, изјави Милевски, повикувајќи се на податоците од алатката open.finance.

Според СДСМ, Министерството за спорт под водство на поранешниот ракометен репрезентативец Борко Ристовски функционира „како градежна фирма“ и фаворизира клубови блиски до коалициските партнери на власта. Милевски посочи дека Спортската академија останала без професионални кошаркарски тренери поради, како што рече, директно партиско мешање во конкурсот на Кошаркарската федерација.

Партијата бара Државниот завод за ревизија да спроведе вонредна контрола во Министерството и јавно да ги објави извештаите за трошењето на субвенциите. „Министерот се претвори во бизнисмен, а спортистите се оставени без средства токму во периодот кога почнуваат подготовки за новата сезона“, порача Милевски.

Од Министерството за спорт до заклучувањето на текстот не одговорија на обвинувањата. Во досегашните јавни настапи министерот Ристовски тврдеше дека распределбата на пари е „транспарентна и базирана на резултати“, а дека со ребалансот приоритет биле инфраструктурните проекти и програмите за масовен спорт.

Зачлени се на нашиот е-билтен