СДСМ: Пауза за имигрантски визи за Македонија е сигнал за пад на довербата

СДСМ

Одлуката на Соединетите Американски Држави да стават „на пауза“ дел од постапките за имигрантски визи за државјани од 75 земји, меѓу кои и Северна Македонија, е политичка порака и предупредување, а не „техничка пауза“, соопшти СДСМ. Партијата тврди дека мерката е последица на политика што ја води земјата кон изолација и губење доверба кај стратешките партнери.

Американските власти најавија дека од 21 јануари 2026 година се паузира обработката за имигрантски визи за апликанти од 75 држави, при што мерката не се однесува на туристичките и другите неимигрантски визи. Образложението е поврзано со ревизија на процедурите и проценки за ризик од користење јавни бенефиции по пристигнувањето.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, коментирајќи ја одлуката, изјави дека станува збор за пауза исклучиво за имигрантски визи и дека тоа не ги засега процедурите за студенти, бизнис-патувања и туризам, додавајќи дека институциите се во комуникација со американската амбасада и Стејт департментот.

Во соопштението, СДСМ ја насочува критиката кон владината надворешна политика и тврди дека таа е сведена на антиамерикански и анти-ЕУ пораки, при што како пример го посочува вицепремиерот Иван Стоилковиќ и неговите јавно изразувани ставови. Партијата обвинува и дека се продуцираат судири со соседите наместо реформи, со цел да се оправда „затворање“ и стагнација на евроинтеграциите.

СДСМ дополнително тврди дека мерката на САД е најава за построг пристап кон регионот во делот на криминалот и корупцијата и се повикува на американски законски иницијативи за Западен Балкан. На официјалната платформа на Конгресот на САД постои предлог-закон со наслов „Western Balkans Democracy and Prosperity Act“, кој е заведeн како законски предлог (воведена постапка), а не како усвоен закон.

СДСМ најави дека ќе продолжи јавно да ја проблематизира, како што наведува, „агендата на изолација и корупција“, оценувајќи дека стратешкото партнерство со САД и европскиот курс се клучни државни приоритети.

Зачлени се на нашиот е-билтен