Социјалдемократите порачуваат дека ВМРО-ДПМНЕ, под раководството на Христијан Мицкоски за само повеќе од една година, изгубил дури 140.000 гласачи и тоа не може да го побие ‘ниту еден спин или лага’. Според нив освојувањето на локалната власт е „пирова победа“ затоа што граѓаните јасно ги препознале погрешни политики на секое поле.
„Цветаат клиентелизмот, партизацијата, неспособноста и ароганцијата. За една година од мандатот, ВМРО-ДПМНЕ нема ниту една политика со која може да се пофали, и тоа граѓаните го гледаат. Државата е на колена – економски, финансиски и социјално, и за жал, овој тренд ќе продолжи. Освен партиски прес-конференции со напади врз СДСМ, не можат да испорачаат ништо друго. Затоа никогаш повеќе нема да можат да се надеваат на поддршката со која дојдоа на власт – таа ќе продолжи да паѓа“, пишува во партиското соопштение на СДСМ.
Од таму порачуваат дека СДСМ останува најсилната опозициска партија, и покрај сите обиди на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, ЗНАМ, да го негираат тоа.
„Пропаднаа обидите и сценаријата да ја снема СДСМ – од сега натаму, партијата ќе се враќа само посилна. По изборите следи јасен патоказ напред за СДСМ: потребни се промени на политичко и кадровско ниво кои ќе донесат раст и зајакнување“, велат од СДСМ.

